Што е здравствено патничко осигурување ?

Патничко осигурување е важен дел од вашиот план за патување.

Што е здравствено патничко осигурување ?

Патничко осигурување е важен дел од вашиот план за патување. Патничко осигурување покрива трошоци кои неочекувано настанале за време на Вашето патување или пред патувањето (во случај на откажување на патувањето). Во зависност од покритието кое самите сте го одбрале може да бидат надоместени трошоци за лекување од незгода и болест, надомест за смрт од последици на незгода, трошоци поради доцнење или кражба на багаж, надомест во случај на губење на патни документи, како и друга здравствена помош, кои би можеле да настанат за време на Вашето патување.



Што е траење, а што важност на патничкото осигурување ?

Полисата за патничко осигурување се склучува за одреден број на осигурени денови во определен временски период (траење на осигурување). За да бидете осигурени патувањето треба да се одвива во периодот наведен во полисата, а бројот на денови на престој во странство не треба да го надминува бројот на осигурени денови. Внимавајте на бројот на осигурени денови кој што е наведен во полисата. Доколку во периодот веќе сте патувале и сте ги искористиле осигурените денови, без разлика што периодот на осигурување се уште трае, Вашата полиса не е повеќе важечка. Во тој случај, обезбедете ново патничко осигурување. Во спротивно нема да поседувате осигурително покритие во случај на штетен настан.

*** Патничкото осигурување не може да се купи откога патување е започнато, односно сте ги поминале границите на Репбулкика Македонија.

Што е тоа “франшиза” ?

Франшизата го означува Вашето учество во настанатата штета. Ова значи доколку штетата е помала од износот на франшиза, настанатите трошоци од штетата ги покривате Вие самите. Доколку е штетата поголема од франшизата вашето учество е во износ на франшизата, а останатиот дел од штетата ќе го покрие друштвото за осигурување.

Како да пријавите штета ?

Совети и помош во случај на штета (комуникација со асистентска куќа) Сите друштва за осигурување кои нудат патничко осигурување имаат склучено договори со асистентски куќи во странство кои обезбедуваат 24 часа помош во случај на потреба од итна медицинска помош. Доколку се случи непосакуван настан и имате потреба од помош и совет јавете се на бројот на асистентската куќа наведен во полисата или условите за осигурување. Следете ги советите што Ви ги даваат и не преземајте ништо без претходно одобрение (на пример предвремено враќање дома, репатриација, трансфер од една во друга болница). Запомнете дека доколку сте користеле здравствени услуги без одобрение на асистентската куќа или Вашето друштво за осигурување трошоците ќе Ви бидат делумно надоместени. Штетата треба да ја пријавите во рокот за пријавување наведен во условите за осигурување. Најчесто рокот е 24 часа од моментот на случување на штетата. Чувајте ја оригиналната документација и оригиналните сметки кои подоцна ќе треба да ги предадете во вашето друштво за осигурување. Пред да ја предадете оригиналната документација, направете копија за себе. Кога штетата не надминува одреден износ определен со условите за осигурување (во повеќето случаи одреден е износ од 150 – 300 евра) износот може да го платите сами, а друштво за осигурување Ви го надоместува износот што сте го платиле по Вашето враќање во земјата. Доколку износот е повисок за плаќањето ќе се погрижи Вашето друштво за осигурување во соработка со болницата и со асистентската куќа

Што да правите кога не сте задоволни од начинот на решавање на штета ?


Доколку штетата Ви е одбиена или пак не се согласувате со донесената одлука по однос на штетата, имате право да се жалите до: – Соодветната организациона единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамки на друштвото за осигурување, – Службата за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување, – Агенцијата за супервизија на осигурување, – Организацијата за заштита на потрошувачи. Имате право да поднесете жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување исклучиво доколку претходно писмено сте се обратиле до друштвото за осигурување, но притоа не сте задоволни од одговорот, или ако друштвото за осигурување не одлучило по жалбата во рок од 30 дена од денот на доставување на истата.

Причини да купите патничко осигурување:

Кога сте во вашата земја на живеење, трошоците за лекување се скоро незабележителни. Но, кога патувате во странство, овие трошоци може да бидат екстремно високи за Вашиот буџет. Доколку сте во странство и Ви се случи незгода, а при тоа со себе немате доволно парични средства, во претходна консултација со Друштвото за осигурување или асистентската куќа, ќе Ви биде овозможен медицински третман само со приложување на полисата. При влез во одредени земји, поседувањето на полиса за здравственото патничко осигурување е задолжително. 

ИЗВОР:
http://www.aso.mk/dokumenti/soopstenija/publikacii/Patnicko%20Flaer%20MK%2016.10.2015.pdf

АГЕНЦИЈА ЗА СУПЕРВИЗИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕ